Успешно прво издание на трката во планинско трчање Пештани Екстрим Вертикал 2023 во организација на АК „Охрид трчаТ“. На дводневниот настан исполнет со бројни активности учество зедоа 60 деца од Македонија и Полска на детската траил трка, како и 42 натпреварувачи од 6 земји на главната трка. Трките започнаа од сред село Пештани.
Станува збор за дводневен настан исполнет со голем број активности. За сите оние кои се во потрага по Вертикал, кои ја сакаат природата и екстремното и сето тоа во склоп на викенд уживање, тогаш Пештани Екстрим Вертикал е вистинскиот избор. Нашата главна цел беше привлекување на “outdoor” заедницата од нашата земја и од странство, а оваа година и покрај прво издание на настанот може да се пофалиме дека покрај натпреварувачи од Македонија, имавме учесници од Холандија, Албанија, Србија, Полска, Англија и Белгија, вели директорот на трката Дејан Ангелоски.
Потенцира дека со многу љубов, енергија и посветеност зачекориле кон создавање на една нова спортска приказна во градот Охрид, поточно во Пештани, приказна наречена Пештани Екстрим Вертикал.
Градењето на истата е процес во кој континуирано се вложува многу труд и време и кој бара надминување на голем број предизвици. Пештани Екстрим Вертикал претставува трка во планинско трчање која се одвива во срцето на Националниот парк Галичица. Трката започнa во подножјето на планината, од центарот на селото Пештани по директна вертикална линија по западниот дел на Галичица. Несекојдневната патека каква што ретко може да се најде на плананината Галичица, завршува во близина на врвот (Бугарска чука)Чумо Влага, на околу 1801м надморска висина, вели Ангелоски.
Додава дека една од нивните цели било и едуцирање на најмладите, што се реализирало преку детска трка којашто била целосно бесплатна, а најмладите биле едуцирани за придобивиките кои ги носи спортот, неговите вредности, да научат да ја сакаат природата, важноста на дружењето и социјализацијата и активниот начин на живот.
Во генерација 2012-2014 година учествуваа 30 деца во женска конкуренција, а најдобри беа:
1. Илијана Димитровска-МКД
2. Софија Атанасоска-МКД
3. Зофиа Височка-Полска
Најдобри во машка конкуренција
1. Брент Ван Баелен-Белгија
2 Теодор Јовановски-МКД
3 Давид Аврамоски-МКД
Во генерација 2008-2011 година зедоа учество 30 деца, најдобри во женска конкуренција:
1. Симона Костоска-МКД
2. Анастасија Треноска-МКД
3. Милена Атанасоска-МКД
Најдобри во машка конкуренција:
1. Димитар Кецески-МКД
2. Дејан Цветкоски-МКД
3. Матеј Николовски-МКД
Пласман во женска конкуренција во главната трка:
1. Ефф Ван Донген-Холандија 59:19.04
2. Елена Ртоска-Македонија 1:04,53
3. Сања Најдовски-Македонија 1:16,12
Пласман во машка конкуренција во главната трка:
1. Златко Николов-Македонија 59:34,06
2. Димитар Тодоровски-Македонија 1:01,13
3. Антонио Каранфилоски-Македонија 1:03,46
Успешно прво издание на Пештани Екстрим Вертикал 2023
Наградите за најдобрите во Детската Траил трка ги доделија директорот на трката Дејан Ангелоски, членови на организација на Пештани Екстрим Вертикал и претставници од компании подржувачи на настанот.
По доделувањето на наградите следеше забава со ДИ-Џеј, за сите присутни имаше бесплатна храна, охридска рибна чорба, традиционална храна од Пештани и пијалоци.
Во организацијата на настанот беа вклучени околу 70 луѓе, членови на организацијата, волонтери, Црвен крст Охрид, Планинска спасителна служба при Црвен крст Охрид.
OhridNews