Овој викенд на падините на планината Галичица беше одржано јубилејното петто издание на планинската ултрамаратонска трка Охрид Ултра-Треил.

Настанот Охрид Ултра-Треил ова година беше составен од 4 трки во планинско трчање кои започнуваа од различни локации од националниот парк Галичица, а сите финишираа на градскиот плоштад во Охрид.

На трките од 107, 65, 40 и 22 километри стартуваа вкупно 370 натпреварувачи (од 434 првично пријавени) кои имаа можност да уживаат во пролетните услови на планината.

Најдолгата дистанца која го носи и името на настанот беше со старт и финиш во Охрид но ги минува ниските делови на Галичица до Свети Наум откаде остро се качува до највисоките делови на Стара Галичица – вровивте Кота Ф10 и Магаро. Од таму преку гребенот тркачите движеа до карстните полиња на Галичица, до делот на Летница и Висок Врв па се до финиш линијата во Охрид..

Најбрзи ултрамаратонци кои успеаја да ја минат оваа исклучително тешка делница беа Кеисуке Минами од Јапонија кој заврши на третата позиција со време од 16:05:07, Антонио Каранфиловски заврши втор со време од 15:23:36 а победник беше Иван Радев од Македонија – 14:36:17. Во женска конкуренција трета беше Сандра Ганглоф од Франција 20:26:14, втора заврши Ивана Јовановска 19:30:11 а победник беше Катерина Шиповиќ со време од 17:51:38

На втората по должина трка Галичица Ултра 65км која стартуваше од Свети Наум во машка конкуренција трет заврши Алек Апостоловски 09:25:58, втор беше Мартин Јакубис од Словачка 08:22:04, а најбрз беше рекордерот на 100км од 2021 година – Константинос Џианопулос од Грција со време од 07:34:54. Во женска конкуренција трета заврши Ивана Ценерич од Србија 10:38:44, веднаш зад Сања Најдовски 10:32:28, а триумфираше беше Стефани Маурер од Швајцарија 08:57:24.

Трката Самотска Треил Маратон која започнува од Пештани имаше 80 финишери каде битката за подиумот беше најнеизвесна. Трет во машка конкуренција Гневомир Скрижински од Полска со време од 04:34:05, веднаш зад Димитар Илиев од Македонија со време од 04:33:38, а прв беше Уран Амети од Косово со време од 04:32:58. Во женска категорија трета беше Мај Борјесон од Шведска со време од 06:13:58, втора заврши Снежана Џуриќ од Србија 05:08:30, а прва беше Алена Паборцава од Црна Гора 04:43:44.

На најкратката трка Летница Треил во должина од 22 километри која започна од Велгошти настапија вкупно 182 тркачи од кои најбрзи во машка категорија беа Тони Цветковски од Македонија 02:44:58, а првата позиција ја делеа Златко Николов од Македонија и Немања Ристовиќ од Србија со исто време од 02:15:45. Кај жените на оваа трка трета беше Луциа Маластова од Словачка 03:07:51, втора беше Марија Остојчич од Македонија 02:53:46, а прва заврши нашата Елена Ртоска 02:37:42.

Приказната на Охрид Ултра-Треил започна во 2019 година како настан со две трки во планинско трчање од 60 и 30 километри, а од првата бројка на учесници – 130 пријавени тркачи, за четири одлични последователни изданија Охрид Ултра-Треил прерасна во препознатлив мултинационален спортски настан кој се одвива под отворено небо.

Оваа година организаторите – спортските здуженија Трекс од Скопје и Топ Адвенчрс од Охрид беа домаќини на вкупно 434 потврдени пријави на тркачи од дури 32 земји, од кои стартуваа и безбедно финишираа вкупно 370.

OhridNews