Успешно е направена првата операција за промена на пол, воопшто во историјата на Македонија. Тимот врвни уролози по генитално реконструктивна хирургија, предводени од професор д-р Мирослав Ѓорѓевиќ од Србија, ја направи првата интервенција за промена на пол кај 33-годишен маж, пренесува „Макфакс“.
Операцијата беше извршена во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а на лицето во текот на неколкучасовната операција му беа отстранети машките гениталии и беа формирани сите женски органи. Според доктор Ѓорѓевиќ, операцијата минала во најдобар ред и пациентот во наредните неколку дена ќе се опоравува во рамки на болницата, а потоа му следи период на опоравување во домашни услови.
Пред да биде извршен оперативниот зафат лицето една година примало хормони, а година и половина психички се подготвувало за промена на полот.
Доктор Ѓорѓевиќ рече дека ова е петти пациент со потекло од Македонија, на кој тој досега извршил операција за промена за пол. Дополни дека за отприлика еден месец, лицето кое го промени полот целосно ќе функционира како жена, а во рок од два ипол до три месеци веќе ќе може да има и нормални сексуални односи, при што ќе може да чувствува и сексуално задоволство.
Проф. д-р Ѓорѓевиќ е врвен хирур кој работи во најпрестижните болници во целиот свет. Досега извршил околу 700 операции за промена на полот од машко во женско и над 300 од жена во маж. Вели дека хируршката интервенција за промена на полот од женски во машки е потешка а покомпликуваните операции траат до 10 часа.
Интервенцијата за промена на полот се следеше во живо од страна на учесниците на првиот симпозиум за урогенитална хирургија, кој се одржува во организација на „Аџибадем Систина“ и Центарот за генитоуринарна реконструктивна хирургија од Белград.
Од 1-3 јуни 2017 во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се одржа првиот симпозиум за генитално реконструктивна хирургија на кој учествуваа доктори од целиот регион. На симпозиумот кој е прв од ваков вид во земјава, предавачи беа 6 најеминентните доктори од областа од генитоуринарната реконструкција од целиот свет.
OhridNews
извор: „Макфакс“