Успешно издание на Меѓународниот турнир во кошарка „20 години КК Колибри“ кoj се одржа од 19-ти до 22-ри јуни во Охрид. На едно место беа собрани 200 деца од Србија, Албанија и Македонија кои се натпреваруваа во категориите девојчиња и момчиња, генерации М12, М14 и М16.

Најуспешни во своите категории беа екипата на Нова Варош од Србија У 16 – жени, во конкуренција У14 жени – првото место го освои екипата на МЗТ – Скопје, во категорија У 14 мажи, првото место припадна на екипата на Елите – Баскет – Албанија и прво место во  категорија У12 беше екипата на КК Колибри – Охрид. Во категорија младинци У16, пехарот припадна во рацете на екипата на Декса од Прилеп, велат од КК Колибри.

Посебен момент, додаваат, беше ревијалниот натпревар кој се одржа помеѓу старите членови на КК Колибри и Дел од тренерите на турнирот заедно со младинците на екипата на Декса – Прилеп.

Овој турнир ги собра сите симпатии на учесниците и веќе со неговото свечено затворање започнуваме со припреми за следната сезона. Ние како клуб ќе се насочиме овој турнир да постане традиционален и да биде спортска увертира во летната туристичка сезона. Посебна чест и задоволство ни претставуваше подршката од Општина Охрид, од нашите спонзори и од родителите на нашите „Колибрина“, додаваат од клубот.

Воедно изразуваат благодарност до тренерите Весна Балазоска Милошевиќ, Викторија Рибароска Лазароска, Исмаил Даут и Драгослав Лихванцев.

OhridNews