Вчера, 16 јуни, во Хадсон Јардс на Менхетн, се одржа свеченост по повод 5 годишнината од почетокот на директните летови помеѓу Белград и Њујорк.  На приемот присуствуаа видни гости, претставници на повеќе бизнис групи како и патнички агенции, меѓу кои и охриѓаните Драган Димоски и Владимир Наумовски кои се сопственици на патничката агенција Охрид Травел во САД.

На присутните гости им се обратија регионалниот директор за продажба во САД, Џорџ Петковиќ, генералниот директор на Ер Србија Данкан Нејсмит и амбасадорот на Република Србија во САД Марко Ѓуриќ.

Директорот Нејсмит изрази задоволство од приемот и гостопримството на Њујорк, нагласи дека Ер Србија е една од најуспешните авиокомпании во Европа, и го зголемува бројот на патници во 2021 година. Во месец мај оваа година Ер Србија пренесе 100,000 патници прв пат од почетокот на пандемијата. Компанијата од 3 јуни оваа година го користи Терминалот 1 на аеродромот Џон Ф Кенеди во Њујорк и го употребува новиот Ербас 330 кој го носи ликот на Никола Тесла.

На маргините на настанот, Наумовски и Нејсмит поразговараа за можностите да се обноват летовите Белград – Охрид, и посакаа фудбалските репрезентаци на Шкотска и Македонија да остварат победи во наредните натпревари против Англија и Украина.

Гала настанот се одржа на најновото култно место на западната страна на Менхетн Хадсон Јардс. Комплексот е составен од 8 згради кои пред некоја година ги изгради милијардерот Стивен Рос и неговата компанија Релатед. Вредноста на проектот беше 25 милијарди долари. Богатството на 81 годишниот Стивен Рос е проценето на 7.6 милијарди долари, од кои повеќето ги заработил со изградба на згради на Менхетн. Рос е голем пријател и подржувач на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Облакодерите, патеките и паркот се наоѓаат на самиот раб на западната страна на Менхетн покрај реката Хадсон, и во средината ја имаат големата скулптура – здание на познатиот британски архитект и дизајнер Томас Хетервик “The Vessel” која е висока 45 метри и културниот центар “ the Shed.”

Куриозитет оваа година беше главнаа награда која Ер Србија ја додели на еден присутен гостин – дресот на Новак Ѓоковиќ кој го носеше на Ролан Гарос. Среќниот добитник беше младата и атрактивна Дијана – моден дизајнер од Њујорк.

Инаку, агенцијата Охрид Травел на Димоски и Наумоски секоја година ја зголемува својата понуда кон своите клиенти, патници и деловни партнери. Оваа година најавуваат голем број на македонски иселеници и други туристи кои сакаат да ја посетат татковината. Интересот за авио карти е зголемен со намалувањето на број на заразени од Ковид 19 и со големиот број на вакцинирани Американци кои со нетрпение очекуваат да се отворат европските дестинации, велат тие.

OhridNews