Единицата за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид, со брза и навремена акција успеа да спаси уште еден човечки живот

На 08.12.2009 (Вторник) на планината Јабланица, во близина на Македонско-албанската граница на 2000 метри надморска висина, во тешко пристапен терен, едно лице се здобило со скршеница на десната потколеница по што веднаш била известена полицијата.


– По барање од СВР Охрид, екипа на Единицата за спасување при Црвен крст Охрид веднаш излезе на терен и по околу час и половина ја лоцира групата од граѓани, пријатели на повредениот, кои безуспешно се обидуваа да му помогнат на повреденото лице. Поради лошата општа состојба на повредениот веднаш му беше укажана неопходната прва помош со што беше избегнато понатамошно влошување на неговата состојба. По првичното згрижување на повредениот веднаш беше започнат негов транспорт, кој го изведоа членовите на тимот со помош на пријателите на повредениот и по околу два часа, во 17:00 часот, повредениот беше ставен во теренско возило на граничната полиција кое ја очекуваше групата на соодветна локација до која може да се стигне со возило. Во селото Горна Белица повредениот го презеде екипа за итна медицинска помош која го пренесе лицето во Специјалната болница Св. Еразмо Охрид, информираат од Црвениот крст.


Оваа, како и неколкуте претходни акции на Единицата за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид, укажува на неопходноста од нејзиното постоње и делување како и на потребата од посериозен пристап кон потребите на Единицата од страна на локалните и националните власти. Сите средства со кои располага единицата, едуцираноста и стручноста на кадарот како и трошоците за време на спасувачките акции во моментов се на товар  на Црвен крст Охрид, како и на личен трошок на спасувачите-алпинисти кои доброволно и волонтерски ги изведуваат овие операции во технички сложени услови за работа.


Црвен крст Охрид повторно апелира и ги повикува локалните власти, Секторот за внатрешни работи од Охрид, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи како и сите останати општествени структури надлежни во овој сегмент, на заедничка координација и организација на квалитетен систем за спасување во тешко пристапни планински региони.


– Нашите предвидувања се дека во иднина како што расте бројот на луѓе кои се движат на планина (особено со развојот на планинскиот туризам) така ќе расте и бројот на несреќни случаи кои ќе имаат потреба од ефикасна и брза единица за спасување, велат од Црвениот крст.