Златко Мојсоски беше дел од Пелистер и Вардар, сеуште е дел од составот на Металург, а незаборавна сезона и пол помина во Охрид играјќи на десната крилна позиција. Првите ракометни чекори ги направи во Струга, а заедно со Охрид тие два градови му се врежани во срцето.
– Во Охрид поминав едни од најубавите години во мојот живот. Каде и одам и со кој и да се сретнам за Охрид зборувам само во суперлативи. Нескромно ќе кажам дека во Охрид ги направив најважните чекори во ракометот – рече Мојсоски.
Тој охридскиот состав го засили од битолски Пелистер, кој тогаш минувал низ турбулентен период. – Четири години бев дел од Пелистер, а неколку месеци не бев никаде потоа стигна повикот од Горан Андоновски, кој ми понуди трансфер во Охрид. Имавме разговор со него и ми кажа за каков проект се работи и дека зад клубот стои моќен сопственик во името на Кире Колески. Без секунда размислување прифатив и никогаш не жалам поради тоа. Сезоната и пол мината во „сино белиот“ дрес ми беше исто така и отскочна даска за мојата ракометна кариера – додаде Мојсоски.
За тимот и атмосферата во него како и другарувањето после натпреварите и тренинзите Мојсоски има само добри зборови.
– Се започна со подготовките во Бугарија кога за тоа време беше од неверојатно значење. Во тимот беа Турченко и Лашкоски, на се се сеќавам како вчера да беше на сите шеги и моменти кои не се забораваат. Тогаш сите резултати се базираа на другарска база и се решаваше така. Сега преовладува професионализмот и некако другарство е во втор план – потенцираше стружанецот.
Охридскиот состав тогаш за секоја екипа гостин во „Билјанини Извори“ била тврд орев и само Вардар заминал од Охрид со целиот плен.
– Со Металург и Пелистер одигравме нерешено, а со Вардар претрпевме несреќен пораз. Се сеќавам на мечот со Тиквеш екипа која претендираше за висок пласман. Имаше неколку добри натпревари кои ги одигравме како во транс – истакна крилниот ракометар.
Тогаш во македонската прва лига квалитетот бил изедначен и неколку тимови се бореле за титулата до последното коло.
– Во времето кога настапував за Пелистер, Охрид и Вардар македонската лига беше далеку поквалитетна него сега. Затоа што тогаш секоја недела секое коло имаше дерби средба. Сега се сведува на два клуба и меѓу нив се одлучува за титулата, а градовите кои некогаш беа синоним за ракомет полека, полека се враќаат на сцена – смета Мојсоски.
Десното крило на македонската репрезентација во почетокот од кариерата имаше можност да игра со Пепи Манасков и неговата генерација која за прв пат ги проби европските бариери. – Беше чест да се поздравиш со нив, а не пак да играш или да ти биде тренер. Тие беа страшна генерација која постави многу здрави темели во македонскиот ракомет. Во Охрид Андоновски беше тренер и играч. Беше голем професионалец и беше задоволство да се работи со него. Научив многу работи за ракометот од него и ми ги даде вистински правци во моето развивање – рече Мојсоски.
Од Охрид крилниот ракометар направи трансфер во Вардар. Од тука се пресели во градскиот ривал Металург, а тогаш следуваше и повикот во А селекцијата.
– После настапите во Охрид заминав за Вардар па во Металург, а потоа следуваше и повикот во репрезентација. Макотрпната работа на тренинзите се исплатеше. Се што научив во текот на кариерата го искористив во Вардар и Металург, а тоа ме однесе и во репрезентацијата на Македонија – вели братот на Наумче Мојсовски.
Мојсоски сега е дел од Металург кој од сезона во сезона испишува нова страница во историјата на македонскиот ракомет. Сегашниот тренер на Металург, Лино Червар за Мојсоски е најзаслужен за успесите на македонско и европско тло.
– Червар е голем психолог и голем мотиватор. Знае како на површина од секој ракометар да го изваде максимумот. Тој според мене е најзаслужен за успесите на Металург и репрезентацијата бидејќи влеа голема самодоверба во сите нас. На нас тој влијаше многу псилохошки и го потисна во нас оној балкански менталитет, кој никако неможевме да го искорениме – заврши Мојсоски.
Фото : Емилио
Мх.П.