Охридските фудбалери успешно го поминаа второлигашкиот испит, откако ремизираа со Кораб (0-0) во подготвителниот натпревар кој денеска двете екипи го одиграа во Охрид.

За „сино белите“ ова беше прв и вистински тест од ваков вид, откако во претходните два без посериозни проблеми ги совлада Караорман (6-0) односно Фљамуртари (6-2). Охриѓани во Третата МФЛ југо-запад ќе имаат задача да ја задржат предноста на табелата и да се промовираат во нов член на второлигашкото друштво.

Лидерот на табелата во Втората МФЛ запад, Струга Трим Лум со 2-1 го совлада Тетекс и ја забележа третата победа во подготовките за втората полусезона. Стрелци за струажни беа новајлиите Флорент Османи односно Христијан Драгарски.

Во Струга, тимот на Лабуништа ремизираше со Велазерими играјќи 2-2. Генералката екипата на Струга ќе ја има против Гостивар, додека Лабуништа ќе се сретне со Кораб.

OhridNews