Охридските боксери викендов ги започнаа натпреварите во новата сезона со учеството на петтото коло од Опен Балкан купот кое се одржа во Пирот, соседна Србија. На натпреварот настапија пет боксери од клубот “Алексо Огненовски” и забележаа две победи и три порази.

Во кадетска конкуренција Михаил Аврамоски со едногласна одлука на судиите го победи боксерот од клубот “Пинк Пантер” од Штип, додека кај јуниорите Петар Трајчески, Андреј Мајкиќ и Лука Грозданоски беа поразени од одличните Павле Поповиќ, Елдин Фејзи и Душан Стошиќ од Србија.

Кај сениорите, Наум Стојаноски го совлада Димитрије Лукиќ од клубот “Константин” со прекин од страна на судијата, поради повреда во првата рунда.

Во текот на наредната недела Стојаноски, ќе ги продолжи настапите како дел од македонската репрезентација на силниот меѓународен турнир “Београдски победник” кој ќе се одржи во спортската сала “Раковица” во Белград.

Остатокот од екипата ќе продолжи со подготовки за настапите кои ги очекуваат во Македонската лига која набрзо треба да започне и Опен Балкан купот, информираат од БК „Алексо Огненовски“.

Г.М.