Авионот на соларен погон „Солар Импулс 2“ го изведе првиот успешен пробен лет на Хаваите, каде е приземјен од јули минатата година, на половина пат околу светот, соопштија научниците. Тимот ескперти кои го проектираа авионот наведуваат дека првиот пробен лет бил успешен, и додаваат дека летот траел шест и пол часа и бил завршен без проблеми. „Солар Импулс 2“ слетал на 3 јули на Хаваите после 120 часа лет од Јапонија преку Тихиот Океан, кога минал 8200 килоеметри, со што е постигнат нов светски рекорд.
Авионот оттогаш не лета поради разни поправки на батеријата која била оштетена за време на прелетувањето на океанот. Соларниот авион на пат околку светот полетал од Абу Даби на 9 март 2015 година. Авионот лета без гориво, а струја добива од 17 илјади соларни ќелии поставени на крилата со распон од 72 метри. Леталото на смени го управуваат швајцарските пилоти Бертран Пикар и Андре Боршберг. Тоа патување привлече големо внимание ширум светот кај луѓето кои соларниот погон го гледаат како гориво на иднината, извор на чиста и обновлива енергија.