Таеквондо клубовите HWA RANG ITF и HWA RANG FIST учествуваа на силниот меѓународен турнир „Лехел Везер“ кој по седми пат се одржуваше во Унгарија. Овој турнир е еден од најмасовните меѓународни натпреварувања во кој учество зедоа 13 земји со над 400 натпреварувачи. Покрај Македонија на турнирот имаше таеквондисти и од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Чешка, Австрија, Унгарија, Романија, Словачка, Молдавија, Полска и Холандија.
Нашите претставници со грст медали се вратија во Македонија. Тренерот на клубот HWA RANG ITF од Лескоец, Марјанчо Лазаревски е презадоволен од настапот на овој турнир, но и длабоко разочаран од организаторот на истиот, како и од судиите кои во неколку наврати ги оштетиле нашите борци.
„На овој турнир, на големо изненадување за нас бевме соочени да се бориме против противниците но и против судиите. Нашите претставници покажаа голема храброст и дадоа се од себе по што беа препознатливи на ова натпреварување. Пред почетокот на борбите бевме сметани за аутсајдери, но како одминуваше времето многу од противниците прашуваа кои сме и во борбите против нас влегуваа многу попретпазливо.
Првиот круг нашите претставници го поминаа со нокдауни, со чиста техника, со еден збор доминиравме. Верувајте, единствено ние имавме атрактивни потези, прикажувавме чиста техника, но бевме значително оштетени во повеќе наврати.“- коментираше за Тeрен.мк тренерот на клубот Марјанчо Лазаревски.
Најоштетени наши натпреварувачи беа Антонио Јанески и Александар Јовановски против кои во 1/4 финалето од страна на судиите имаше тенденциозно судење.
„Од Антонио Јанески очекувавме злато. Беше надмоќен и со техника и со удари, но судиите го направија своето и не му доделија победа. Александар Јовановски исто во ¼ финале беше оштетен од судиите, тоа може да се види и од снимките. Да го удреа, да му земеа поен ќе кажевме во ред е. Александар беше доминантен, противникот не го ни допре, но судиите одлучија да му ја одземат победата. Оштетени сме со два медали од организаторите.“- продолжи Лазаревски.
Освојувачи на медали од Такевондо клубовите HWA RANG ITF и HWA RANG FIST се следниве:
Миле Климоски – злато во форми/ сребро во борби
Филип Јосифоски- злато во борби
Александар Митрески- бронза во борби
Дејан Латиноски- бронза во борби
Тренерот Лазаревски кратко ги објасни натпреварите на носителите на медалите:
„Миле Климоски демонстрира врвна техника. На Миле ова му е трето натпреварување, а демонстрираше техники од кои многу тренери можат да учат. Во финалето Мики направи контратехника која буквално ја остави „подзината“ цела сала. Мики освои прво место во форми, а во спаринг освои сребро, а беше поразен од неколкукратниот шампион на Полска.
Филип Јосифоски е натпреварувач од HWA RANG FIST, помина две елиминациони борби, а во 1/2 финале со удар чекан му го скрши носот на противникот. Работеше атрактивно, беше многу помоќен во полуфиналето, но судиите тука повторно го покажаа својот лош карактер. Едниот судија досуди победа за Филип, вториот судија победа за противникот, а третиот реми. Тоа значеше дека на натпреварот нема победник, но веднаш реагираа речиси сите кои го гледаа натпреварот, оние неутрални тренери на другите репрезентации, па одлуката за среќа ја променија. Во финале повторно со удар чекан даде нокдаун, а главниот судија даде негативен поен, целосна глупост од страна на судиите. Тоа не налути и мене, но и на Филип и му даде дополнителен мотив. Потоа со многу атрактивни удари го „докрајчи“ противникот од Словачка. Филип покажа како се бори еден Македонец против црн појас.
Дејан Латиноски зеде бронзен медал, во елиминациите противникот не излезе, а во полуфинале за жал загуби. Сепак и тој се покажа во одлично светло.
Александар Митрески беше за прв пат на натпреварување со жолт појас. Во ½ финале за противник го доби актуелниот Европски шампион, неколкукратен светски шампион Денис Драпиќ. Драпиќ кога ќе се бори се бори агресивно, кога го виде со жолт појас сакаше да го нокаутира веднаш. Сепак Митрески не го дозволи тоа, а Денис Драпиќ како ретко кога дојде во позиција да излезе од борилиштето и да заработи негативни поени. Сепак тој е многу искусен, се извади од таа положба и го доби натпреварот само на искуство. Александар е еден од ретките кој загубил борба од Драпиќ на поени, повеќето борби тој ги завршува со нокаут. Повторно ќе повторам, нашиот претставник е носител само на жолт појас. Во финалето Драпиќ се сретна со натпреварувач со црн појас, и за брзо време го нокаутира со вртен удар во глава.“
Резултатите кои ги постигнуваат од HWA RANG ITF му даваат право на Лазаревски да се надева дека повторно, после две децении ќе создаде непобедлива екипа, која ќе ги собира медалите на големите натпреварувања.
Такво нешто имало во 90-тите години, кога актуелните тренери на HWA RANG ITF и HWA RANG FIST, Марјанчо Лазаревски и Ацо Јосифоски биле натпреварувачи и заедно со останатите колеги биле страв и трепет во ринговите. Малку познат факт е дека токму Марјанчо Лазаревски и Ацо Јосифоски се првите носители на светски титули во самостојна Македонија.
„Таеквондо клубот HWA RANG LESKOEC во 90-тите години беше препознатлив по својот квалитет. Каде што одевме ги земавме сите награди, бевме доминантни како на домашна така и на меѓународна сцена. Од тој клуб потекнуваат сегашните клубови HWA RANG ITF и HWA RANG FIST.
Тогаш имавме една група врвни спортисти кои на секое натпреварување земавме медали. Често во финале влегуваа натпреварувачи од нашиот клуб и се случуваше и златото и среброто да заминат во нашиот клуб. Во овој момент би ги поздравил тогашните натпреварувачи Гоце Митрески, Боро Христоски, Стивен Трајановски, Александар Митрески, Климент Николоски, Ирена Николоска, Љупчо Лазарески, Борче Сотироски, Роберт Колушески и останатите кои тогаш бевме неприкосновени.“.
Моменталната форма на натпреварувачите и резултатите кои се постигнуваат е можна најава дека повторно ќе има екипа која ќе го врати сјајот на HWA RANG ITF.
Сепак сето ова немаше да биде постигнато доколку во клубот не вложуваа средства генералните покровители на HWA RANG ITF, ПН МЕТАЛ и НОМА МЕТАЛ.
Марјанчо Лазаревски уште еднаш не пропушти можност да им се заблагодари за огромната помош што му ја даваат на клубот.
„Голема благодарност до генералните спонзори, покровители на клубот ПН МЕТАЛ и НОМА МЕТАЛ. Доколку не се тие, ова што го постигнуваме во изминатите три години немаше да се случи.“- заврши Лазаревски.
Инаку во Унгарија покрај Лазаревски патуваа и помошник тренерот во HWA RANG ITF, Зоран Донев, како и натпреварувачот кој поради повреда не можеше да настапи на овие натпревари, Божидар Димитриевиќ.
Ohridnews