Три златни, еден сребрен и еден бронзен медал во поединечна конкуренција како и два екипни трофеи, е конечниот исход на стрелците од охридските стрелачки клубови на меѓународниот турнир „ЗПГ-2022 ” што викендов се одржа во Сандански Р. Бугарија.

Јована Милевска од СК „Охрид” со резултат од 608 круга се пласира на првата позиција во категорија на јуниорки во дисциплината воздушна пушка.

Во категорија на јуниори Бојан Спасеновски од ЖСК „Лихнидос” исто така се закити со златен медал со резултат од 604.6 круга. Со златен медал се закити и Климент Мостро, од ЖСК „Лихнидос” (помлади јуниори-до 15 год.) во дисцилината воздушен пиштол.

На втората позиција-воздушен пиштол јуниорки се пласира Стефанија Вељаноска од СК „Охрид“, а на третата позиција во помлади јуниори-пушка се пласира Павел Трајчески, за кого ова е и прв настап. На Кристијан Балоски од СК ,,Охрид“ му недостасуваа само 1,5 кругови за да се искачи на пиедесталот, па заврши како четвртопласиран со резултат од 561,1 кругови.

И во екипен пласман ЖСК „Лихнидос” (по број на освоени медали) се пласира на втората позиција зад домаќините од СК ,,Санел“ од Сандански, а на СК ,,Охрид“ пак му припадна третата позиција.

Свое учество за првпат на ваков турнир зедоа и Драгана Локоска, Марија Јанковска, Андреј Ванѓеловски, Деа Стојаноска, Емилија Алексовска и Ангелина Трајческа, на која организаторот и додели Диплома и медал за најмлад учесник на натпреварот.

OhridNews