Во Македонската опера и балет вчеравечер, во Скопје се одржа петтата Републичка ревија на песни, музика и игри, на која учествуваа и членови на охридското здружение на пензионери. Музичката манифестација која се одржува под покровителство на Министерството за култура на Македонија, ја организира Сојузот на здруженија на пензионери од Македонија. На Ревијата настапија претставници од повеќе здруженија на пензионери по претходна селекција на Комисијата за култура на СЗПМ од 8-те регионални ревии во републикава.
Членовите на здружението на пензионери од Охрид и Дебрца со успех настапија на манифестацијата. Се претставија со постановката ,,Охридска визита“ илустрирана со неколку охридски староградски песни и ора,надополнета со охридски староградски носии на фолклористите,кои од страна на присутните беа пречекани и испратени со аплаузи.
Присутните фолклористи и гостите кои ја следеа петтата Републичката ревија на песни,музика и игри во Скопје, од името на организаторот ги поздрави претседателот на СЗПМ Драги Аргироски,од името на градот домаќин градоначалникот на Скопје Коце Трајаноски,а од името на покровителот-Министерството за култура, заменик-министерот за култура Драган Недењковиќ.Ревијата ја следеше и Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Основното мото на Ревијата е што поавтентична презентација на музичките и фолклорните вредности кои го отсликуваат идентиетот на македонскиот народ и народностите кои живеат во Македонија, поради што оваа ревија од пред три години од страна на Министерството за култура е прогласена за културна манифестација од национален интерс за Македонија.
OhridNews