Започнаа натпреварите во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма. Охридските стрелци свој прв настап имаа на меѓународниот „New Olimpic hopes&Grand Prix“ натпревар што изминатиов викенд се одржа во спортската сала „WINBET“ во Софија, Р. Бугарија.

Успешен старт на сезоната имаше Кристијан Балоски од СК „Охрид“ кој во конкуренција на најдобрите репрезентативци и европски шампиони, успеа во квалификациите да се пласира на петтата позиција со резултат од 596,0 кругови, со што си обезбеди влез во финалето каде се натпреваруваат најдобрите 8.

Своите најдобри перформанси ги покажа во финалето каде се пукаат само 24 дијаболи за нагреден фонд од 5000 евра за двете дисциплини. Во драматичен меч, рамо до рамо со Ризов и Канев, носители на повеќе европски и светски титули, успеа да се искачи на пиедесталот на третата позиција, со резултат од 221,4. кругови. Воедно и во јуниорска категорија натпреварот го заврши како третопласиран, информира СК „Охрид“.

Кај девојките на пиштол најдобро пласирана беше Стефани Савеска од ЖСК „Лихнидос“ која со резултат од 538 кругови се пласира на 5-тата позиција. Во истата категорија Стефанија Велјаноска од СК ,,Охрид“ се пласира на 8-мата позиција (528), додека Наталија Савеска од ЖСК „Лихнидос“ (522) се пласира на 11-тата позиција во јуниорска категорија. Иван Милевски во дисциплината пиштол-јуниори, се пласира на 10-тата позиција, со резултат од 525 круга.

Успешен настап имаше и Бора Каќел од ЖСК „Лихнидос“ во дисциплината воздушна пушка, кој со резултат од 551,6 кругови се пласира на 7-мата позиција во јуниорска категорија. Кај јуниорките на пушка Теодора Спироска од СК „Охрид“ се пласира на 21-вата позиција со резултат од 563,5 кругови.

OhridNews