Успешен настап на првиот меѓународен карате „Като куп – Охрид 2022“, во организација на светската ИЈКА федерација, имаа натпреварувачите од четири македонски клубови во силна конкуренција на преку 100 учесници од целиот свет.

Натпреварувачите од скопските карате клубовите „Пејов“, „ЕЛДИ – КАН“, и „Бушидо Доџо“, струшкиот „Бушидо Доџо“, како и домаќинот „Шидо кан“ од Охрид, освоија вкупно 33 медали, од кои седум златни, осум сребрени и 18 бронзени, во конкуренција на млади каратисти од Бугарија, Република Ирска, Индија, Данска, Летонија, Англија, Шкотска, Унгарија и Јужна Африка.

Најуспешни со девет медали, од кои четири златни, беа каратистите од Карате клубот „ЕЛДИ – КАН“, предводени од талентираниот десетгодишен Аулон Идризи, кој во категоријата „опен“ го освои првото место во борби.

Каратистите од карате клубот „Шидо кан“ освоија една златна, седум сребрени и 14 бронзени медали, додека натпреварувачите од карате клубот „Шејов“ се закитија со две златни одличја.

Паралелно со „Като куп – Охрид 2022“, во периодот од 7 до 10 јули се одржа и карате семинар во организација на ИЈКА Македонија посветен на големиот карате мајстор Като, со учество на инструктори со светско реноме.

OhridNews