Од 7-ми до 11-ти септември во хотел Дрим, Струга, се одржа 3-от Меѓународен младински шаховски турнир „Езерска Кралица 2022“ Струга. На турнирот учествуваа 52 млади шахисти од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово. Се играаа три турнири (Б1, Б2, Б3) во три возрасни категории (10, 14, 18) и еден екипен турнир (C) во забрзан шах.

Вкупно 5 натпреварувачи од Охрид беа дел од турнирот, и тоа Константин Лушески, Николовски Никола и Николовски Михаил од ШК „Ласкер“ и Иван Велкоски и Ивана Велкоска од ШК „Алкалоид“ – Скопје

На C турнирот во екипна конкуренција учествуваа 11 екипи, првото место со максимален број победи го освои екипата на ШК „Ласкер“ Охрид во состав Константин Лушески, Николовски Никола и Николовски Михаил, второ место за „Крал“ од Скопје, а третото место им припадна на „ЦСКА“ од Софија.

На Б3 турнирот до U10 првото место за Диванисов Матеј од ШК „Алкалоид“ Скопје, второто место за Саге Ардира од ШК „Партизани“ Тирана, а трето место за Кадриоски Дарин од „Младинската шаховска школа“ Струга (Алкалоид).

На Б2 турнирот до U14 првото место за Паликов Калојан од „ЦСКА“ Софија, членот на ШК „Ласкер“ Охрид Николовски Михаил го освои второто место, а трето место за Петровски Никола од МШК „Центар“ Скопје.

На Б1 турнирот до U18 прво место за Константин Лушески од ШК „Ласкер“ Охрид со 6 победи од седум партии, второ место за Христовски Марјан од ШК „Стево Патако“ Битола, трето место за Јусуфи Ахмет од Косово.

Ова е традиционален турнир кој се одржува секоја година. Оваа година освен од Македонија имавме и гости од Албанија, Грција, Бугарија и Косово. Имавме најава уште за неколку младински клубови од други европски држави кои имаа интерес да учествуваат на турнирот, но за жал оваа година не дојдоа. Турнирот го организираме на едно многу високо ниво и секој кој што учествувал на турнирите на „Езерска Кралица“ се чувствува како да игра на големите европски првенства. Посебно внимание се посветува на декорот на просторијата за играње и тука секоја година дополнуваме со нови содржини. Новина на турнирот оваа година е тоа што за прв пат при организација на вакви младински меѓународни турнири во Македонија, користени беа електронски табли и прикажување на партиите во живо, вели директорот на турнирот, Ѓоко Котески.

Воедно упати и благодарност до сите спонзори и подржувачи на турнирот, меѓу нив и втора година по ред охридската компанија LTH Леарница Охрид го поддржува турнирот.

Котески изразува надеж дека турнирот на кој секоја година учествуваат натпреварувачи од Охрид, во иднина ќе добие поддршка и од Општина Охрид.

Турнирот ја има целосната поддршка од Шаховската федерација на Македонија, кои најавиja дека од другата година турнирот ќе биде составен дел на програмата која се доставува до Агенцијата за млади и спорт. За следната година планираме да организираме силен меѓународен младински шаховски турнир на кој што планираме да учествуваат играчи и школи од преку 10 шаховски федерации, додава Котески.

OhridNews