Вкупно 54 лица во Струга и струшко добиваат помош и нега во домот од 20 лиценцирани негователи, како дел од социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика, информира денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

По посетата на струшкиот Црвен крст, кој е давател на услугата помош и нега во домот, истакна дека преку оваа услуга 20 негователки, жени, кои биле долгорочно невработени, самохрани мајки, нашле свое вработување.

Тоа е едниот аспект, кој МТСП ги воспостави преку услугите да ги зајакнува економски жените, а втората придобивка од социјалната реформа која е воведена во 2019 година во МТСП е услугите да бидат блиску до граѓаните. Со ова 54 граѓани во општина Струга добиваат помош и нега во домот. Тоа се возрасни лица над 65 години, кои немаат никој кој може да се грижи за нив, истакна Тренчевска.

Според неа, немало незадоволни корисници и негователки.

Низ анкетите кои ги спроведуваме кај корисниците и негователите ниту еден корисник нема не задоволен. Сите се среќни затоа што наместо да бидат сместени во домови за стари лица, услугата/помошта ја добиваат дома во огништето кое го создале, нагласи министерката.

Покрај услугата за помош и нега во домот преку реформите во социјалната заштита, потсети дека се воспоставени услуги и за лица со попреченост за помош и нега во домот, лични асистенти, дневни центри за лица со попреченост и дневни центри за активно стареење, воспоставени во 41 општина. До крајот на годината треба да се воспостават уште во три општини, со што повеќе од половина од општините во државата ќе бидат покриени со услуги кои се спроведуваат преку реформата во социјалната заштита.

Црвен крст – Струга, според секретарот Адуриме Даути, втора година ја дава оваа услуга, нагласувајќи дека интересот постојано расте.

Негователите ја вршат работата со многу љубов, а старите лица имаат квалитетна нега. На корисниците им овозможуваме во нивниот дом да имаат квалитетен живот. Негователите ги посетуваат секојдневно во нивните домови и им ја пружаат потребната помош, изјави Даути.

Во моментот, како што информира најмалку 10 лица доставиле барање и чекаат за услугата помош и нега во домот.

OhridNews