Условните казни за полициските специјалци који ја демолираа дискотеката „Процес“ во Скопје е најматен, а увидот во Катастарот најпозитвен настан во ноември.

Вака одлучија главните уредници во 18 највлијателни печатени и електронски медиуми во Македонија искажани во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација “Транспарентност – Нулта корупција“.

Триесет припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) условно се осудени на една година, иако извршија брутално насилството и упад во дискотеката „Процес“, при што го демолираа инвентарот и претепаа двајца припадници на обезбедувањето, во декември лани.

Иако мина речиси една година нападот остана во меморијата на јавноста, како поради бруталноста со која е извршен, уште повеќе поради фактот што припадници на елитна полициска единица влегуваат во приватна пресметка, правејќи го небезбеден животот на граѓаните. За бруталноста на полициските специјалци ќе остане забележано и дека немаше санкции во Министерството за внатрешни работи (МВР). Дисциплинска постапка не е покрената бидејќи бил испуштен рокот и случајот застарел, посочува агенцијата Макфакс.

Случајот со гувернерот на Народна банка на Македонија (НБМ) Петар Гошев е на второ место на листата на најматни настани со 5 гласа. Тој купил земјиште во Гевгелиско на атрактивна локација при што има судир на интереси. Земјиштето е купено од фирмата „3М“ на која под притисок на гувернерот Гошев „Македонска банка“ и отпишала долг од 250.000 евра, тврдат членови на управниот одбор на банката. Земјиште од 9.100 квадратни метри, во близина на граничниот премин Богородица на атрактивна локација позната како македонски Лас Вегас, е купено за 5.000 евра.

Најбистар настан во ноември е увидот во документите со кои располага Државниот завод за геодетски работи, преку веб-портал. За 11 главни уредници овој потег на Катастарот е најпозитивен. Податоците од Катастарот сега им се достапни на граѓаните од подрачјето на Скопје, а од почетокот на идната година и за другите градови.

Полициската акција наречена „Змиско око“ во која беше откриена корупција и присвојување на околу 5 милиони евра е на второ место на бистрите настани со 7 гласа.

Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата, се спроведува од декември 2004. година.

Инаку денешниов ден, 9-ти декември, се одбележува како  Светски ден на борба против корупцијата. Република Македонија сеуште високо котира на светската листа на корумпирани држави, а според истражувањата спроведени неодамна дури 44% од граѓаните на Македонија дале поткуп. Светскиот просек е 12%. Најмногу корупција има во здравството 67%, во судството 65%, образованието 54%…

Ако е за утеха нашиот западен сосед Албанија е трета во светот по корумпираност.

ohridnews