Во среда на 23-ти септември 2015 година истекува рокот за пријавување на Ликовниот и литературен конкурс „Природата порачува: Спасувај не загадувај“ кој го објави општина Охрид во рамки на Програмата на одделението за заштита и влијание на животната средина за 2015 година.
Овој еко проект се спроведува во соработка со основните училишта на територијата на општина Охрид заради одбележување на Есенската рамноденица – почеток на есента.
Право на учество имаат сите деца на возраст од 6 до 14 години, ученици во основните училишта на територијата на општина Охрид. Доставените литературни и ликовни творби треба да содржат еко порака која ќе одговара со темата на овој конкурс „Природата порачува:Спасувај не загадувај“. Доставените литературни творби треба да бидат поезија или проза на зададена тема предмет на овој конкурс, а ликовните дела треба да бидат цртежи или предмети изработени од рециклажен материјал (колаж, акварел , предмети и украси од пластика и хартија)
Учесниците на конкурсот се појавуваат под шифра, а право на учество имаат оргинални ликовни и литературни творби кои претходно не се објавувани и не учествувале на други конкурси.
За најдобрите литературни и ликовни дела се предвидени и награди. Прво наградените ученици на ликовниот и литературен конкурс ќе добијат по 7000 денари еднократно, второ наградените по 5000 денари, а трето наградените ученици ќе добијат по 3000 денари.
OhridNews