Во 71-та година од животот, денеска, почина Танас Танасоски, истакнат општествен работник, познат и почитуван граѓанин, урбана и спортска легенда, која ќе остане запаметена во колективната меморија на Охрид.

Танас Танасоски е роден 1950 година во Охрид. Основно училиште завшил во „Св. Климент Охридски“, а средно во истоимената Гимназија. Дипломирал на правниот факултет во Скопје во 1980 година.

Од 1981-89 година Танасоски е директор на претпријатието „7 Ноември“. Од 1991 до 1997 година ја извршува функцијата директор и стечаен управник во охридски „Градинар“. Од 2001 година работи во Општина Охрид, каде во периодот 2001 – 2005 година ја извршува функцијата заменик градоначалник, а од 2005 до пензионирањето во 2014 година е началник на Општинскиот инспекторат. Активно учествува во оштествените текови и развојот на Охрид, кој го сакаше повеќе од себе.

Танас Танасоски беше истакнат спортист со шампионско педигре и познат спортски работник. Беше карате мајстор, вицепрвак на Југославија и репрезентативец на поранешната заедничка држава, како и повеќекратен првак на Македонија. Тој е основач на првиот карате клуб во Охрид „Трудбеник“ од каде подоцна потекнаа плеада славни каратисти. Под негово водство КК „Трудбеник“ стана шампион на Македонија во раните осумдесетти години од минатиот век.

Во периодот од 1994 до 1997 година беше претседател на фудбалскиот клуб Воска, кога клубот од Општинска лига стигна до пласман во Втората лига.

Танас Танасоски беше градски човек, кој го познаваа и се познаваше со сите. Беше еден од ретките Охриѓани, припадник на една генерација која живееше и се залагаше за едни поинакви вредности, кои, за жал, денес  речиси и не постојат. Беше семеен човек, сопруг, татко на две деца и дедо на 3 внуци.

Погребот на Танас Танасоски ќе биде извршен во сабота, 13 март на Градските гробишта во Охрид, во кругот на семејството.

Г.М.