Опозицијата и власта денеска повторно ќе седнат на заедничка маса и ќе се обидат да ги усогласат измените на Деловникот за работата на Собранието, јавува „Макфакс“.

По вчерашното договарање на персоналниот состав на Анкетната комисија која ќе го расчистува првојулскиот инцидент, координаторите ја отворија точката за Деловникот.

Засега двете страни се на различни позиции.

Од СДСМ бараат измените во Деловникот да се направат со тоа што опозицијата ќе има право да предлага на секоја седница по една точка на дневен ред и парламентарен механизам како да се трошат народните пари во владините институции.

Владејачката партија се согласува опозицијата да има право да предложи точка на дневен ред, но само еднаш во текот на месецот. За другиот предлог власта има резерва и дали воопшто воспоставувањето парламентарен механизам за контрола на трошењето буџетски средства треба да се регулира со Деловникот или со други правни прописи.

Од СДСМ велат дека нивната цел е да се дојде до договор за Деловникот, а не да опструираат.

Според ВМРО-ДПМНЕ само исполнувањето на двата, како што велат, приоритети ќе значи позитивна оценка од Брисел, а се друго ќе биде на штета на граѓаните.

Доколку не се надминат разликите за Деловникот меѓу власта и опозицијата, Македонија ризикува да добие негативен извештај за напредок од страна на Европската комисија за политичкиот дијалог.

Вчера конечно по 20 дневните средби координаторите на пратеничките групи се договорија околу Анкетната комисија.

Хајрула Мисини од ДУИ, познат како командант Шпати, го избраа да раководи со комисијата која ќе  го расчистува собранискиот инцидент од 1 јули.

Со Мисини ќе работат Илија Димовски и Благородна Дулиќ од ВМРО ДПМНЕ, а од опозицијата Менде Диневски од СДСМ и Соња Мираковска од НСДП.

OhridNews
извор: Макфакс“