Нов потрес, утрово околу 6:30 часот е регистриран во централниот дел на Италија, во местото Аматриче, кое речиси е срамнето со земја во разорниот земјотрес кој во средата го погоди овој дел на Италија, пренесува „Макфакс“.

Американскиот геолошки институт наведува дека најновиот земјотрес бил со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала, додека италијанскиот геолошки институт објави дека потресот бил со јачина од 4,8 степени.

На овој земјотрес, во текот на ноќта, му претходеле десетина послаби потреси, јавија италијанските медиуми.

Во последните два дена, по разорниот земјотрес, регистрирани се повеќе од 500 потреси.

Италијанската служба за цивилна заштита, во меѓувреме, објави дека во силниот земјотрес кој во средата ја погоди централна Италија, загинале 250 лица, а 365 биле повредени. Се наведува дека околу 200 жртви биле извлечени од урнатините само во местото Аматриче.

OhridNews
извор: „Макфакс“