Земјотрес со јачина од пет степени според Рихтер во 15:25 часот е регистриран во југозападните делови од земјата. Епицентарот на земјотресот кој го почувствуваа и граѓаните на Охрид, е 19 километри југозападно од Гостивар во Националниот парк Маврово.
Според досегашните податоци, земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала, Дебар и Кичево со интензитет V, во Тетово и Скопје со IV степени, а во Струга, Охрид, Битола, Прилеп и околината со III-IV степени според истата скала, соопшти Опсерваторијата.
Утрово во 4.54 часот во истото подрачје беше регистриран уште еден силен земјотрес со интензитет од пет степени според Европската макросеизмичка скала, кој бил почувствуван и во Албанија и Косово.
Подоцна во државата беа регистрирани уште три земјотреси со локална магнитуда меѓу три и четири степени. Првиот во 6 часот со интензитет од 3,6 степени, вториот во 12 часот со интензитет од 3,8 степени и третиот во 13:26 часот со интензитет од 3,7 степени.
OhridNews