Педесет и двегодишниот Ласте Богатиновски од Куманово паднал додека монтирал скеле од височина од 20 метри и брзо по падот починал на лице место.
Богатиновски работел во фирмата „МАТО Инженеринг“ која била фирма подизведувач, а како изведувач се јавува градежното претпријатие „Бетон“.
Вчера на местото каде што загина Богатиновски увид вршеа од МВР и Трудовата инспекција. Од инспекторатот најавија дека во текот на денот ќе излезат со информации за несреќата.
За пет дена ова е втор работник кој загина при изградба на објект од проектот „Скопје 2014“. Во четвртокот на лице место почина работникот Горан Трајковски кој работел на изградба на објектот „Музеј на Македонската борба и жртвите од комунизмот“.
Трудовиот инспекторат тогаш утврди дека скелето од кое што падна работникот било неисправно.
Денеска со реакција излезе и Движењето за социјална правда „Ленка“. Оценуваат дека газдите, заради својот глад за профит не ги почитуваат мерките за безбедност при работа и ги тераат своите работници да работат прекувремено на ризични работни места, со што драстично се зголемува опасноста да дојде до потешка повреда на работното место, па и најстрашното, смрт.
„Го повикуваме Државниот инспекторат за труд доследно да си ги извршува своите законски обврски и да ги казнува оние работодавци кои ги кршат правата од работен однос на своите вработени, вклучително и на правата од заштита при работа“ се вели во соопштението од „Ленка“.
Според податоците на Македонското здружение за заштита при работа, во периодот 2007-2010 година просечно по 47 работници го загубиле животот на работното место! Или, конкретно, 41 работник загинал на работното место во 2007, дури 62 во 2008, а во 2009 и 2010 – по 44 работници. Просечно, во минатата година, секој 8 ден по еден работник го губел својот живот додека ги извршувал своите работни задачи.
извор:„Макфакс“