На три дена пред завршување на пописот,односно заклучно со 27.09.21, до 20:00 часот избројани се 1.695.549 лица, 526.605 домаќинства и 752.916 станови. Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 198.589 граѓани од дијаспората.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември и треба да заврши до 30 септември. Од Државниот завод за статистика велат дека работат со сиот расположлив потенцијал непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за Попис.
Во последните три дена од Пописот на населението, домаќинствата и становите пописните активности се одвиваат непречено, а во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Во помалите пописни реони веќе се завршува со попишување и се прават последни завршни проверки, велат од Статистика.
За можноста за продолжување на пописниот циклус, Спикерот на Собранието Талат Џафери истакна дека нема да има пречка да се свика итна седница за продолжување на пописот, доколку се достави предлог од Владата или од група пратеници и има заеднички конзенсус меѓу политичките субјекти во собранието.
Непишано правило е Собранието да работи во изборна кампања, но тоа не значи дека ако има итна потреба, да не заседава.
Доколку би се побарало продолжување, според Џафери, тоа треба да биде направено во следните два дена имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември. Согласно процедурите, ваква итна седница може да свика претседателот на Собранието, но вообичаено вакви седници се свикуваат со барање на 20 пратеници.
OhridNews