Советот на Општина Охрид на денешната седница со 22 гласа ЗА го верификуваше мандатот на советникот Нефи Усеини, бидејќи не беше присутен на првата конститутивна седница. Усеини истакна дека моментално останува дел од Советот на Општина Охрид, а прашањето за неговата оставка како советник ќе биде дискутирано на состанок на огранокот на партијата ДУИ во Охрид.
Сеуште не сум одлучил дали ќе поднесам оставка, доколку ја поднесам ќе бидете известени во текот на оваа недела или во текот на наредната недела. Моментално не ја поднесувам оставката, а за понатамошните одлуки партијата ќе одржи состанок и ќе заземе став како ќе се одвива понатаму ситуацијата, истакна Усеини по денешната седница.
Што се однесува до позициите кои ќе ги заземе ДУИ во Советот на Општина Охрид, Усеини вели дека сеуште нема одлука од огранокот на партијата.
Немаме никаква одлука во овој момент за позиционирање на коалиции, нашата голема коалиција е со СДСМ, а за локална коалиција понатаму ќе одлучува огранокот на ДУИ во Охрид, додава Усеини.
ДУИ на локалните избори 2021 во Охрид освои две советнички места. Како советници во овој состав беа избрани Нефи Усеини кој ја предводеше советничката листа и Бесник Османи.
К.А.