Советникот од ДУИ Нефи Усеини, тврди дека против него во тек е политичка хајка, која се води од страна на власта со цел затскривање на, како што вели, криминалните активности во кои е вклучена. За спорниот објект кај чинарот, Усеини е категоричен дека не е дивоградба и дека не станува збор за цврста градба, туку метална конструкција. Вели дека не е против рушење на дивоградбите и бара законот да е еднаков за сите.

  • Во Охрид со години се градат дивоградби и затоа имаме бројка од 1401 дивоградба. Треба прво да се рушат сите останати дивоградби кои се на крајбрежјето и се проблем за УНЕСКО, да се ослободат сите тротоари каде треба да минуваат пешаците, да се отстранат дивоградбите во националниот парк Галичица, а потоа нека дојдат во центарот, кај чинарот. Откако ќе ги отстранат останатите дивоградби, додека дојдат до чинарот, и покрај тоа што ги имам сите документи за пицеријата, јас самиот ќе го отстранам објектот. Барам да нема селективност, вели Усеини.

Додава дека надлежните треба да ги рушат дивоградбите, почнувајќи од оние за кои уште пред десет години се издадени решенија за отстранување.

  • Како советник и жител на Охрид каде живеам со семејството и имам бизнис со над 500 вработени, работам повеќе од 10 часа во денот за во градот да биде подобро. 12 години плаќам придонеси до државата и општината. Мојата тераса не е нова градба, само е извршено реновирање. Не е цврста градба, може секој да провери во секое време, само е поставена метална конструкција, вели Усеини.

Во врска со информациите дека финансиска полиција ги посетила неговите објекти советникот Усеини вели дека се лага, додавајќи дека дошле само надлежни лица кои вршеле проверка дали неговите вработени работаат легално, па откако не биле утврдени неправилности си отишле.

Потенцира дека немало никаков договор помеѓу него и локалната власт и владата пред локалните избори освен договорот со покојниот градоначалник за вработување на лица од албанска националност, Турци, Роми во јавните претпријатија, согласно законот.

Т.Кувенџиска