Новата комедија на познатиот режисер Алекс де ла Иглесија со примеси на хорор филм „Вештерките од Зугарамунди“ (Las brujas de Zugarramurdi), пристигнува во домашните кина од 3 јули, информира дистрибутерската куќа MCF MK.

На овогодинешното доделување на шпанските национални филмски награди Гоја „Вештерките од Зугарамунди“ освоија осум признанија. Филмот ги собира најпопуларните шпански актери како Хуго Силва, Марио Касас, Пепон Нието и Каролина Бенг.

Хозе (Хуго Силва) и Антонио (Марио Касас) се жртви на големата економска криза. И двајцата останале без работа. Едниот е разведен и плаќа алиментација, а другиот е индиспониран бидејќи девојката му е успешна адвокатка која секој ден очекува по враќањето од работа да ја чека ручек на масата. По комичниот грабеж во кој учествуваат уште две џуџиња и малолетното дете на Хозе, започнува бркотница без крај. Бегајќи од полицијата, заедно со киднапираниот таксист и неговиот клиент, стигнуваат во градот Зугарамунди опкружен од мрачните шуми на Навара, каде живее племето жени – вештерки (Кармен Маура, Каролина Бенг, Сантијаго Сегура) кое се храни со машко месо.

„Вештерките од Зугарамунди” е црна хорор-комедија, која ги преиспитува машко-женските односи и радикалниот феминизам.

OhridNews
Извор:„Макфакс“