Посмртниот ковчег со урната со пепелта на таткото на кубанската револуција Фидел Кастро, денес, по деветдневното патување низ земјата пристигна на гробиштата Санта Ифигенија во Сантјаго де Куба, од каде што поранешниот кубански претседател во 1959 година го започна својот триумфален пат до Хавана.
Илјадници жители на Сантјаго го придружуваа возилото со ковчегот од кедар прекриен со кубанското знаме и покрај тоа што поворката последното патување на Кастро го започна во раните утрински часови 6.30 часот по локално време, или 12,30 по македонско, откако во саботата вечерта во присуство на странски државници се одржа процесија по улиците на Сантјаго, а одржа говор сегашниот кубански претседател Раул Кастро кој во 2006 година го наследи својот постар и веќе болен брат.
Посмртните останки на поранешниот кубански челник кој почина пред една седмица на 90-годишна возраст, ќе бидат погребани на гробиштата Санта Ифигенија во Сантјаго во близина на мавзолејот на Хозе Марти, историскиот кубански херој. За погребот се вели дека ќе биде „приватен обред“ без присуство на камери и странските новинари. Со полагањето на урната ќе заврши деветодневната национална жалост објавена по смртта на водачот на кубанската револуција. Седмицата на оддавање почести започна со дводневните церемонии на оддавање почести во главниот град Хавана, а потоа урната патуваше низ земјата во насока спротивна од победничкиот пат кој Фидел Кастро го започнал во1959 година. Притоа мина илјадници километри низ 13 од 15-те покраини на островската држава во Карибите.
OhridNews
извор Макфакс