Уривањето на старата градска библиотека ќе го финансира локалната самоуправа. Ова е дел од договорот помеѓу локалната и централната власт за уредување на просторот на кој сега се наоѓа осум децении старата зграда во која до неодамна беше сместена градската библиотека. Сеуште се прават проценките колку ќе чини уривањето на библиотеката и расчистувањето на просорот. Тоа ќе биде познато откако ќе бидат добиени конкретни понуди од изведувачите. Како што дознаваме дел од матерјалот од зградата која ќе се урива ќе биде употребен во изградба и санација на други објекти од јавен интерес на територијата на општината.
Покрај зградата на библиотеката ќе се урива и хангарот во кој е сместен веслачкиот клуб „Југ“ кој со работа во иднина ќе продолжи на нова локалција покрај езерото. Планот за уривање на библиотеката според најавите неделава треба да се најде на седница на владата која треба да го одобри. Но, со оглед на актуелната ситуација и престојниот самит на НАТО во Букурешт многу е веројатно донесувањето на оваа како и голем број други одлуки да биде пролонгирано за неколку дена.
Како што е познато , на просторот на кој сега се наоѓа библиотеката ќе биде изграден нов плоштад кој според најавите ќе биде готов до почетокот на главната туристичка сезона. Некогаш на овој простор се наоѓала Долната порта низ која се влегувало во стариот Лихнид. Според планот новиот плоштад ќе биде поврзан со Горна порта со пешачка патека, а предвидено е да се користи и за разни културни манифестации.
Г. Момироски