Советот без гласовите на ВМРО ДПМНЕ ги усвои останатите точки од урбанистичката сфера кои се однесуваа, во главно, на индивидуални објекти.
Ниту денешната седница не мина без меѓусебни обвинувања на мнозинството и опозицијата во Советот за донесувањето на урбанистичките планови.Советникот Дејан Пановски истакна дека ВМРО ДПМНЕ и понатаму ќе се противи, на како што рече, урбанистичкото дивеење во Охрид и дека и во иднина ќе гласаат против точките на дневен ред кои се однесуваат на урбанизмот и кои што се на штета на градот и на граѓаните.
-Советниците кои ги гласаат ваквите урбанистички планови треба да им се извинат на граѓаните за деградирањето на Охрид, рече Пановски.
Томислав Тунтев, советник од СДСМ, изрази чудење зошто ВМРО ДПМНЕ не ги поддржува предложените урбанистички решенија кога измените во Законот за градба со кои се дозволува носење на урбанистички планови со локална планска документација ги усвои актуелната Влада.
-Неиздржани се обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ дека урбанистичките планови се носат по пат на пазарење со изведувачите. СДСМ само ги почитува законските прописи според кои граѓаните имаат право да побараат измени во плановите за градба со поднесување Локална урбанистичка планска документација, а обврска на локалната самоуправа е да се изјасни по истите во рок од 30 дена. Во спротивно следува казна од 3 до 5 000 евра, појасни Тунтев, додавајќи дека урбанистичките планови кои ги носи Советот се во интерес на граѓаните.
На денес одржаната седница не беше разгледана и предлог одлуката за усвојување на Извештајот за состојбата во областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата, поради отсуство на претставник од полицијата.
Советниците на денешната 20-та седница го усвоија Елаборатот за штетите настанати од неодамнешното невреме; Локалниот Акционен План за напредување на положбата на лицата со попреченост; Иницијативата за дополнување на Статутот на општината; Одлуката за збратимување на Охрид со градот Јалова- Турција; Одлуката за формирање работни групи и именување нивни координатори за изработка на ЛЕАП-от и одлуката за времено отстапување на недвижен имот на користење на Црвениот Крст-Охрид.
Со гласовите на мнозинството беа усвоени Извештаите на Секторите на локалната администрација за работењето во периодот јануари-јуни годинава.