Со 9 гласа против и 13 воздржани предлог- одлуката не беше усвоена.
Советниците расправаа и по предлог одлуката за утврдување потреба од изработка и донесување локална урбанистичка планска документација за к.п. 7.43 урбана заедница 2, урбан блокк 2.4.
Расправата околу урбанистичките решенија повторно ги разбуди страстите меѓу советниците, на релација позиција- опозиција. Советникот Дејан Паноски од ВМРО- ДПМНЕ побара при носењето на локалните урбанистички плански документации да бидат присутни и изработувачите на проектите со цел да се постигне поголема транспарентност.
– При носењето на урбанистичките решенија во Охрид се почнува со еден цртан филм од страна на изработувачите, за да се претвори во драма и акција од страна на заинтересираните, која најчесто завршува како хорор за Охрид. Мора да се спречи понатамошната деградација на градот, рече Паноски.
Хоророт и драмите ги прави централната власт и министерството за транспорт и врски кое постојано врши измени на законите, одговори градоначалникот Александар Петрески.
– Станува збор за приватни иницијативи во интерес на граѓаните , а ние како советници и градоначалник сме должни да работиме во нивни интерес согласно законските решенија. Овие измени ги правиме и со цел да се намалат дивоградбите во градот, а при тоа не се прават отстапки и од она што е содржано во генералниот урбанистички план. Граѓаните со години чекаат на дозвола од надлежното министерство за одредени урбанистички планови, па затоа одлучуваат да бараат измени преку локална планска документација, потенцира градоначалникот.
Советниците на денешното продолжение на седницата ги усвоија предлог одлуките кои се однесуваа на разрешување и именување членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија во општина Охрид.