Со научен собир посветен на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Наум Охридски, синоќа официјално започна со работа клонот на Македонската академија на науките и уметностите во куќата на Уранија во Охрид.


Овде во овој прекрасен дом ќе се одржуваат средби на сите балкански академии. Тој е замислен како ново културно средиште, аналогно на она што значеше Охрид на крајот на 9-от и почетокот на 10 век. Овде очекуваме да дојде до историски средби на науката на балканските академии, на кои академиците од регионот ќе ги подготвуваат заедничките проекти, кои се од исклучително значење за регионот, оттаму што балканската вистина е повеќестрана и секоја култура си има своја сопствена вистина кон неа. Тука ќе се гради една нова културна балканска стратегија, во која науката ќе биде во централен план, кога се дискутираат контроверзните прашања од историјата на балканските народи, истакна академик Георги Старделов-претседател на МАНУ.


Клонот на МАНУ, додаде Старделов,   ќе биде средиште на науката, подалеку од политиката, а поблиску до историските, вистинските научни вредности, кои можат да овозможат еден нов пробив во расветлувањето на контроверзните прашања меѓу балканските народи, за еден историски плурализам во истражувањето на нашето заедничко минато.

Куќата на Уранија е изградена во втората половина на 19-от век. Припаѓала на неколку гранки од семејството Филевци, закупци на езерскиот риболов во турско време. Подоцна сопствениците се иселиле од Охрид, а останат е само споменот на старата жена Уранија, последен жител на домот, по која куќата го добила името.  Минатата година овој споменик на културата беше реставриран по што Владата го отстапи објектот на трајно користење на МАНУ.

OhridNews