Синдикатот на УПОЗ реагира на вчера донесената владина одлука за промена на работното време во администрацијата со која се утврдува ново работно време со почеток од 08.00 часот до 16.00 часот, со што се укинува флексибилното работно време.
Синдикатот на УПОЗ е затекнат од ваквата одлука бидејќи не беше информиран и консултиран како социјален партнер, со оглед на тоа што во Гранскиот колективен договор потпишан во почетокот на оваа година, е утврдено дека работното време е флексибилно. – велат од УПОЗ.
Според Синдикатот на УПОЗ ваквата одлука, е нејасна и конфузна и создава револт меѓу вработените.
Владата со носењето на ваквата одлука сметаме дека не го почитува социјалниот дијалог, постапува спротивно на Конвенциите на Меѓународната организација на трудот и го негира Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието, кој Владата го потпиша на почетокот на оваа година. Согласно членот 8 од Гранскиот Колективен договор работното време на вработените е флексибилно, започнува во 07:30 – 08:30 часот, завршува во 15:30 – 16:30 часот. Вака утврденото право не може и не смее да се дерогира со еднострани одлуки донесени од Владата или од било кој друг орган бидејќи се спротивни на сите позитивни законски норми. – стои во реакцијата на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ се надева дека Владата на Р.С. Македонија ќе ја преиспита ваквата одлука и истата ќе ја повлече.
OhridNews