После осум години „борба“ на македонската алтернативна музичка сцена, момците од охридскиот бенд „The Author“ го издадоа својот деби албум. Надминувајќи ги сите бариери кои изминативе години им стоеа на патот, преку првенчето „Чао чао“ уште еднаш ја покажаа својата упорност на дело.

Иако четиричлената „лиду-дружина“ зад себе има богат музички материјал, сепак на деби носачот на звук овековечија 12 нови музички записи во сопственото импровизирано студио.

После осум години успеавме да го извадиме нашето првенче, иако имаме материјал за уште два нови албуми. Не знам кај беше проблемот што не можевме порано тоа да го сториме. Имавме пречки, дали тоа беа нашите студии или опремата која ни недостасуваше, но сепак на крај успеавме и ја склопивме целината на едно место.“ – вели Ѓоргија Паунковски, вокал на лиду-панк бендот „The Author“.

„Чао чао“ во суштина ги претставува работите кои што се случуваат во нашето општество на еден хумористично-сатиричен начин.

Дали намерно или ненамерно, некако гледаме како со подзаборавање на работите, едноставно мозокот не напушта и немаме свое мислење. Имаме тематики од исмевање на поединци кои лошо се однесуваат кон своите жени, но ги опеваме и работите кои ги правиме во принцип. На еден начин, сакаме да ги претставиме работите во општеството со смешна содржина.“ – појаснува Паунковски.

Како што велат момците од „The Author“, целокупниот процес на снимање и продукција на песните траел безмалку две години.

Ако се навратиме наназад, ни беа потребни осум години. Но конкретно за овие 12 песни, откако ги снимавме, па се до нивното издавање, ни требеа речиси две години. Со оглед на тоа што целиот процес се одвиваше во нашето импровизирано студио, потребно ни беше време да ја купиме опремата која ни недостасуваше, но и време да се сними музиката, да се измикса и испродуцира.“ – вели вокалот на „The Author“.

Изминатот викенд, охридскиот лиду-панк бенд го промовира деби албумот на „Die hard summer party 2014“, а охриѓани ќе имаат можност повторно да ги слушнат на 9-ти август во клубот „Арена“ во Охрид.

Воедно тоа беше и 10 годишнина оd Hardfaced и бевме поканети да го отвориме фестивалот. Промоцијата помина прилично добро, а за прв пат ги свиревме новите песни, кои според реакциите, беа одлично прифатени од публиката. Исто така, на 9-ти август ќе имаме нова свирка заедно со уште неколку бендови од Охрид, Скопје и Пробиштип. За понатака, веќе сме во преговори за промоција на материјалот во Битола, Прилеп, Скопје и Куманово.“ – вели Паунковски.

Најголемата поддршка, како што велат „The Author“, ја добиваат од родителите, другарите и пријателите.

Тие се нашата безрезервна подршка и најголема инспирација за овој албум. Тука се и нашите другари кои ни помогнаа на било каков начин, дали со опрема, со аудио и видео материјали, а голема благодарност и до нашите другарски бендови.“ –  истакнуваат од „The Author“.

За крај, на младите бендови ширум земјава им порачуваат да не се сопнуваат на првата пречка и да бидат упорни во своите цели.

Кога нешто се сака, може да се оствари. Патот не е лесен и не е поплочен со злато, туку со жар и трња. Треба стискање заби, упорност и желба за целта да биде реализирана.“ – завршува Паунковски.

O.T.