Свети Методиј бил родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Како офицер поминал десет години меѓу македонските словени. Потоа се оддалечил на гората Олимп и се предал на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружил и неговиот брат свети Кирил (Константин).

Но, кога хазарскиот цар Каган побарал од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот биле пронајдени овие двајца браќа и биле испратени меѓу Хазарите. Откако го увериле Каган во верата Христова, тие го крстиле овој цар и голем број негови доглавници, и уште многуброен народ. По извесно време се вратиле во Цариград, каде што ја составиле словенската азбука од триесет и осум букви и почнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав заминале во Моравија и таму ја распространиле и ја утврдиле православната вера, па ги умножиле книгите и им ги дале на свештениците за да ја подучуваат младината.

Подоцна, на повик од папата заминале за Рим, каде што Кирил се разболел и умрел, на 14/27 февруари 869 година. Тогаш Методиј се вратил во Моравија и до смртта се потрудил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените.

Во последните две години од својот живот свети Методиј, со помош на двајца свои ученици, го превел на словенски јазик целиот Стар Завет, освен Макавејските книги, како и Номоканонот (Правилата на Светите Отци) и светоотечките книги (Патерикот). Се упокоил во Господ на 6/19 април 885 година.

OhridNews