Првото пријавување на полуматурантите за упис во јавните средни училишта во учебната 2008/09 година  е на 18 и 19 јуни, утре и задутре.

Според Конкурсот и измените и дополнувањата за запишување ученици, што го објави Министерството за образование и наука, во државните средни училишта има 34.353 слободни места за настава на македонски, албански, турски и на српски јазик. Од нив, околу 12.100 се за гимназиско образование, близу 21.880 за средните стручни и околу 370 места за уметничките училишта.

Во општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ во прва година ќе се запишат 510 ученици во 15 паралелки. Во гимназиско образование ќе се запишат 272 ученици, во економско- правна и трговска струка – 170 ученици,  5 паралелки и во здравствена  струка – 68 ученици, 2 паралелки .

Во електромашинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“ во прва година ќе се запишат 466 ученици во 14 паралелки. Во машинска струка ќе се запишат 170 ученици, во електротехничката 194, во сообраќајната 68 и во новоотворената резбарска паралелка ќе учат 34 ученици.

Во општинското угостителско-туристичко училиште “Ванчо Питошески“ во прва година ќе се запишат 238 ученици во 7 паралелки.

Резултатите од првото пријавување ќе бидат објавени на 20 јуни. Второто пријавување во јунскиот уписен рок е на 1 и 2 јули, а резултатите ќе бидат објавени на 3 јули. Вториот уписен рок е на 20 август. Училиштата каде што ќе се појави поголем интерес на учениците со ист број поени, а каде што се предвидени помалку слободни места, ќе се полага приемен испит на 25 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 26 јуни.

Ohridnews