Телевизијата во дневникот во 19 часот јави дека е извршен упад од страна на полицијата и дека новинарите се спречени во извршување на професионалните задачи. Телевизијата ја прекина редовната програма и емитуваше вонредна програма во која во живо се пренесуваа случувањата пред и во зградата на А1. Поголем број граѓани, меѓу кои имаше и политичари и лидери на опозициони партии дојдоа да и искажат поддршка на телевизијата, обвинувајќи ја власта за уривање на демократијата и вовед во диктатура. Според тврдењата на новинарите на А1 приодот кон телевизијата бил оневозможен од силни полициски сили, а ангажирани биле и специјалните единици на МВР.
Загриженост за случувањата покрај политичарите јавно искажаа и новинари, интелектуалци и граѓани. Со реакција се јавија Здружението на новинари, кандидатите за претседател на ЗНМ, Синдикатот на новинарите, Советот за радиодифузија, како и политичките партии и надлежните институции. Состојбата ја следеа странските дипломати, а веста за случувањата во А1 телевизија беше емитувана и на медиумите во регионот.
Власта, како и надлежните институции ги отфрлаат обвинувањата на А1 телевизија, и истите ги оценија како груба дезинформација и манипулирање со јавноста. Со реакција се јави и МВР од каде објаснуваат дека присуството на полицијата е на барање на УЈП и финансиската полиција, поради финансиска контрола на други фирми кои се сместени во објектот во кој се наоѓа и А1 телевизија.
– Телевизија А1 не е меѓу фирмите кои финансиската полиција има обезбедено судска наредба за обезбедување документација, за контрола за финансиското работење. Напротив се работи за фирми чија примарна дејност, според налогот за кој што се регистрирани е трговијата со прехрамбени и други продукти. Законот, како што впрочем кажа и една новинар, мора да важи подеднакво за сите. МВР апелира новинарите да не дозволат да бидат измамени и изманипулирани. Да постапуваат спротивно на нивниот етички кодекс и да бранат туѓи финансиски интереси на фирми кои немаат допирна точка со медиумите.-се вели во соопштението на МВР.
По повод случувањата во А1 телевизија Советот за радиодифузија најави дека денеска ќе одржи итна седница.