Четири бендови, четири музички правци, четиричасовна журка, промоција на албум, диџеј и брод. Вака накратко може да се опише долгонајавуваниот панк-рок пикник, кој идниот викенд ќе се одржи на бродот Александрија во Охрид.
Мрсниот приградски хардкор Трендкил, битолските панкери Кактус, охридските The Author и Комунална Хигена, како и и единствениот Томче Rootboy Selector од Струга, најавуваат одлична панк-рок забава во срцето на езерото.
„Долгата потрага по локација не одведе до единствената поскапа опција наречена брод Александрија. Затоа решивме покрај промоцијата на нашиот трет EP албум „Avanti Lychnydos“, езерото да ни биде појдовна точка за обединување на силите. Задолжително понесете позитивна енергија. Обединети сме посложни“, велат момците од охридскиот панк-рок состав Комунална Хигена.
Овој несекојдневен настан, кој на едно место ќе ги обедини вљубениците во панк музиката, е закажан за сабота, 8-ми Јули, со поаѓање од градското пристаниште во 18:30.
Картите во строго ограничен број по цена од 350 денари можат да се набават во Мјузик Шоп ЗЗ Топ во Охрид, однсно во Артикултура во Битола.
OhridNews