Наместо детски џагор и игра со топка, жителите на улицата „Крали Марко“ денеска затекнаа грда слика на локалното игралиште за рекреација и забава, што тука пред повеќе години го изгради локалната самоуправа. На спортскиот терен за кошарка некој истурил прегорено масло, уништувајќи го теренот наменет за спортување.

Од месниот одбор велат дека засега не се знае дали некој тоа го направил ненамерно или со намера, но се сомневаат во второто. Разочарани се односот на поединци кон јавните добра, дотолку повеќе што нивното уништување, за жал, стана секојдневие во градот. Се надеваат дека сторителот ќе биде откриен, а случајот нема да повтори.

Дождот кој попладнево врне во Охрид можеби малку ќе го измие извалканото игралиште, ако веќе не може срамот на тој што го истурил прегореното масло.

OhridNews