Една недела по вандалскиот чин во кој беше искршена спомен плочата посветена на револуционери од Втората светска војна, остатоците од мермер стојат расфрлани околу постаментот во центарот на градот и дополнително се скврнават.
Уништената спомен плоча што се наоѓаше пред зградата на синдикатот, беше посветена на борците од НОВ кои во 1941 година бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт и тешка робија. На смрт со бесење биле осудени Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна.
Искршената мермерна плоча која совесни граѓани ја составиле непосредно до постаментот, деновиве пак била мета на вандали кои ги растуриле деловите од плочата. Граѓаните кои минуваат секојдневно во центарот на градот се згрозени од таквите постапки, но и револтирани од крајно индолентниот однос на институциите, но и на градската власт и државата.
Фото од 26.02.2007
Некому и остатоците му пречат
Освен општинската организација на Сојузот на борците – Охрид и политичката партија СДСМ, никој друг не го осуди настанот со кој се посегнува по македонската историја.
Нецивилизацискиот чин го премолчи и локалната самоуправа, за која очигледно уништувањето на спомен плочата пред зградата на ССМ не беше доволно вандалски чин, за да заслужи соодветна реакција. Со тоа се прави опасен преседан , особено со селективните реакции на ваквите и слични настани кои заслужуваат подеднаква жестокост, каква што локалната сака да прикаже во осудувањето, на за жал, само некои девијантни појави во Охрид.
Последниот случај на уништување на споменик, шесто во Охрид од осамостојувањето, само говори за нашиот однос кон сопствената историја која ионака е доволно оспорувана од другите. Загрижувачкиот молк и отсуството на реакција покажуваат колку општеството всушност е рамнодушно кон ваквите појави, што од друга страна отвора сериозна дилема за нашите морални вредности.
Горан Момироски