Од јавното претпријатие „Билјанини извори“ информираат дека утрово кога вработените дошле на своите работни места виделе се демолирани кошаркарските терени на спортско-рекреативниот центар. Истурена била поголема количина на боја, превртени биле кошевите и корпите за отпадоци, а биле испишани и пароли.

– Утрово од страна на одговорните бев известен дека дел од спортските терени во Спортско-рекреативниот центар се оштетени, а дел нагрдени со недолични графити. Веднаш беше известена полицијата која презеде мерки и изврши увид на лице место. Морам тука да напоменам дека ова не е прв пат да се уништува имот на јавното претпријатие, но прв пат сторителите се огласија сами и се потпишаа на вандалското дело. Ако до сега се чудевме кој го крши Охрид три години и ги уништува добрата на охриѓани, овој пат хулиганството си остави потпис на своето недело и стана јасно кој стои зад демолирањето на се што е ново и убаво во Охрид. Само се прашувам на кој начин бараат слобода и демократија и дали уништувањето на кошаркарски игралишта е дел од нивното поимување на слободата и демократијата, вели директорот на јавното претпријатие „Билјанини извори“, Ристе Мишев.

Мишев потенцира дека ќе се преземат сите мерки за случајот да добие разрешница и доколку полицијата ги лоцира сторителите ќе бараат казнување на одговорните кои го извршиле делото.

OhridNews