Неодамна, уникатното Охридско кајче со фотоволтаични панели и електричен мотор на ЕКО Здружението „Зелен Град” од Охрид беше презентирано на Меѓународниот саем за наутика, кој се одржа во Белград, Република Србија.

Истото предизвика големо внимание кај посетителите и беше своевидна атракција.

Бродскиот мотор е создаден со примена на напредната технологија на комбинирани намотки „Славјанка“. Се карактеризира со голема моќност, што му овозможува да го движи кајчето без поголеми проблеми, со користење на енергија од фотоволтаичните панели, информираат од „Зелен Град“.

Посочуваат дека на Саемот за наутика биле прикажани јахти, глисери, катамарани и мотори од најголемите светски производители.

Меѓу нив нашето кајче беше единствено со поставени фотоволтаични панели, со електро мотор и изработено од еколошки материјал – дрво и метал. Се планира да се направат уште неколку тестови со фотоволтаичните панели на Охридското Езеро и со тоа да се иницира транзиција на водениот транспорт до еколошки извори на енергија, за зачувување на чистотата на водата, флората и фауната на езерото, потенцираат од „Зелен град“.

OhridNews