Веќе 15 години продолжува убавата традиција што ја негува фамилијата Филеви која на дамите кои го посетуваат Охрид на Денот на жената, им подарува прекрасни охридски бисери. Годинава уникатни подароци добија туристки од Хрватска кои, на плоштадот кај Долна Порта, кој е своевиден спој на културата и традицијата, се запознаа со изработката на охридските бисери. Гестот пријатно ги изненади.

Како легитимен претставник на брендот Охридски бисер Филеви, секако сертифициран и заштитен, овие промотивни активности кои ги правиме многу значат, не само за охридскиот бисер кој го изработуваат двете семејства Филеви и Талеви, туку и за градот Охрид и целиот регион кој изобилува со вредни културно-историски и природни споменици, вели Михајло Филев.

Петнаесет години ги менуваме локациите, имаме подарувано во Заливот на коските, Самуилова тврдина, Антички театар, а денес одлучивме на малиот плоштад кај Долна Порта, да го афирмираме и ова место како туристички потенцијал. Нашите добри дела не само преку подарувањето бисери, туку и услугата во сите сектори, придонесуваат за една поголема реклама и збогатување на туризмот и понудата на градот, но и на Македонија. Охридскиот бисер е само еден мал камен во културниот мозаик на Охрид и Македонија и затоа со овој гест потенцираме и други локалитети и се тоа што е културен елемент и симбол кај нас, истакна Михајло Филев.

Туристичкиот водич Љупчо Јузмески кој веќе деценија и пол заедно со Михајло Филев ја реализираат оваа прекрасна идеја, раскажа дека се почнало од кафе мауебет.

Традицијата продолжува зошто има голем ефект. Пред се задоволни туристи. Од економска гледна точка, добро почестени туристи ќе однесат добар збор дома и ќе ни направат најубава реклама. Оваа година се решивме за спој на културна и уметничка вредност, Долна Порта со брендот Филеви, потенцира Јузмески.

Љубица Милашин, туристка од Хрватска, која на 25 февруари го прослави својот 65 роденден, денес на подарок доби оригинален охирдски бисер.

Пријатно сум изненадена од подарокот. Не сум првпат во Македонија, ова ми е четврти пат. Прекрасно е. Сум купувала охридски бисери, но многу пријатно сум изненадена од гестот. Во Охрид ме одушевуваат местата за прошетка и топлината на луѓето. Се надевам ќе се вратам повторно, вели Милашин.

Вакви уникатни работи значат многу во туристичка смисла смета Светлана Ловренчиќ, туристички водич во Хрватска.

Овде сум трет пат. Секој пат е многу убаво, и има по некое изненадување со Љупчо кој е многу креативен. Не сакаме да се повторуваат работите и секогаш сакаме нешто ново и секоја група која се враќа од тука има многу позитивни впечатоци. Таа усмена препорака е многу битна луѓето повторно да дојдат. Во оваа група има многу нови луѓе, кои слушајќи за Охрид од другите дошле тука, по препорака. Оваа љубезност, сонце, менталитетот на луѓето со многу големо срце е тоа што не привлекува. Ова е многу убав подарок и изненадување, нешто мало, но со големо срце кое го има Македонија, а што нас не привлекува, вели Ловренчиќ.

Со убави впечатоци за Охрид и гостопримството на народот ќе си замине и хрватската туристка Весна Санто.

Таа посочи дека нешто слично не и се случило никаде, а често патува.

Многу е убаво се, не го очекував ова. Многу имам патувано со сопругот и во Италија знаело да има по некој ситен подарок, но вакво нешто вредно не. Енергијата овде е поинаква, луѓето се со отворени срца и со задоволство не примаат. Прв пат сум во Охрид по препорака на мојот брат кој беше одушевен од посетата, додава Санто.

Широкоградата фамилија Филеви не ги заборави и останати припаднички на понежниот пол од хрватската туристичка група кои, исто така, на подарок добија охридски бидери, вкупно 47.

Н.С.Ј.
Фото. Б. Стојаноски