Хобито на Маријана и Александра пред два месеца се преточи во бизнис идеја која на охриѓани им ги разубавува најсреќните моменти како родендени, годишнини, јубилеи, свадби, свечености…

Во нивната цвеќара „Букет Здравје“ на булевар „Туристичка“ наспроти ООУ „Григор Прличев“ во Охрид, тие изработуваат „необични“ букети од овошје и зеленчук во разни комбинации, кои пленат со својата убавина. Интересно е тоа што овие букети се јадат, а згора на тоа се и исклучително здрави.

Оттука и името „Букет Здравје“. Се работи за нешто уникатно, бидејќи нема ваква специјализирана продавница кај нас. Всушност ние сме некласична цвеќара во која се изработуваат букети од разни овошја и зеленчуци, не само сезонски кои растат тука, туку и од егзотични плодови од кои правиме разни декорации. – истакнуват од „Букет Здравје“.

Уникатните букети од овошје и зеленчук се изработуваат непосредно пред тие да бидат подигнати од клиентите, од тазе овошје кое се чува во специјални услови. Интересот за ваквите букети е голем, а реакциите на луѓето исклучителни.

Реакциите се восхитувачки. Луѓето емотивно и многу позитивно реагираат на изненадувањата кои им ги приредуваат нивните блиски. Ние вршиме комплетна услуга, од осмислување, декорација на букетот, до достава на саканата дестинација. Најчесто ваквите букети се купуваат за изненадување. Луѓето не контактираат на нашите дигитални платформи на Фејсбук и Инстаграм, или на нашите телефони, избираат подарок, ние го аранжираме и го доставуваме. – велат од некласичната цвеќара „Букет Здравје“.

Освен букети од здраво овошје и зеленчук, во „Букет Здравје“ се изработуваат и доставуваат разни други креативни подароци, за секакви пригоди.

Тука се и класичните букети од свежо цвеќе, кактуси и декоративни дрвца како авокадо, сибирски лимон, мандарини, маслинка, декоративно кафе…

Ги следиме потребите и желбите на нашите клиенти кои се повеќе сакаат необични подароци. Тие се консултираат со нас, заеднички го договараме подарокот и го креиреаме. – велат од „Букет Здравје“.

Оваа некласична цвеќара изработува и декорации за свадби, разни веселби, свечености, родендени, кои ги разубавуваат и интересно аранжирани балони со хелиум и натписи по желба на клиентите.

OhridNews
Фото: А. Момироска/ „Букет Здравје“

Фото галерија: