Унијата на средношколци предупредува на злоупотреба на учениците во изборни цели. „Дознаваме дека утрешниот ден во охридската Гимназија ќе биде прогласен за неработен, а учениците со организиран превоз ќе бидат пренесени во Скопје на политички предактивности на СДСМ, иако официјално тие ќе одат на прослава на Денот на Европа“, изјави на прес конференција, Ивана Ристеска, ученик во средното угостителско училиште во Охрид и претставник на Унијата на средношколците. „Прашуваме дали е тоа вистина,  кој сака да ги злоупотреби средношколците и какви се овие активности?, рече Ристеска. Таа од име на средношколската унија упати порака до политичките партии да не ги злоупотребуваат учениците во политички цели, бидејќи како што рече, учениците не сакаат и нема да дозволат да бидат манипулирани. Доколку информациите се потврдат средношколската унија  ќе реагира до Министерството за образование и до државниот просветен инспекторат, најави Ристеска на пресот кој се одржа пред охридската Гимназија.


Предупредува на можни манипулации на учениците – Ивана Ристеска

Од Гимназијата ги демантираат обвинувањата. Секретарот на Гимназијата, Бојан Петрески, на новинарите им изјави дека наставата во училиштето утре ќе се одвива редовно, нема да има никаков прекин и учениците нема да отсуствуваат од настава.


Од Гимназијата ги отфрлаат сите обвинувања

Реагираше и општинската организација на СДСМ, од каде исто така ги отфрлаат сите обвинувања. СДСМ има свои партиски активности, но тие никако не се поврзани со Гимназијата или со било која друга образовна институција, изјави за Ohridnews, претседателот на огранокот во Охрид, Томе Чингоски.


СДСМ не ги злоупотребува учениците – Томе Чингоски

ohridnews