Унијата на средношколци на Македонија бара од Министерството за образование и наука математиката да не биде задолжителен предмет за државна матура за сите ученици.
Ставот на Унијата, според претставникот Звонко Селев, е математиката да биде задолжителна само за учениците од природно-математичките смерови. Тој во изјава за медиумите пред Министерството за образование денеска истакна дека бараат прием во ресорното Министерство за да ја презентираат нивната средношколска платформа, која, според него, содржи барање во врска со измените за полагањето државна матура.
–Нашиот став е дека математиката може да биде задолжителна само за учениците од природно-математичките смерови, кои всушност одбрале да бидат математичари. Сите останати матуранти имаат право на избор, затоа што не секој од нас има дарба и интерес да полага математика. Многумина од нас се посветуваат на јазиците и општествените науки, каде математиката не е многу потребна и тоа треба да биде земано предвид, рече Селев.
Со платформата, тој појасни дека на претставниците во МОН ќе им укажат дека сакаат подобро и поквалитетно образование, но оти не се согласуваат со начинот и со брзината на спроведување на новините за државната матура, за што не е слушнато нивното мислење.
–Ние не сме за бојкот на наставата затоа што сметаме дека тоа не е начин за одминување на проблемите, но сепак во зависност од тоа дали Министерството ќе се огласи, дали ќе оствариме средба и дали барањето ќе биде прифатено или не ќе зависат нашите следни постапки, кои ќе ги утврдиме преку состаноци со претседателите на класовите на средношколците во сите училишта, изјави Селев.
OhridNews
Извор:„МИА“