Децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено учење. Пред пандемијата на КОВИД-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите петнаесет годишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и математика истакна Патриција Ди Џован, претставникот на УНИЦЕФ.

Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата дa останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба, вели Ди Џован.

Дури и во заедниците со највисоки стапки на КОВИД-19, Светската здравствена организација (СЗО) препорачува да се разгледаат сите опции за продолжување на наставата со физичко присуство.

Џихан Тавила, претставник на СЗО во Северна Македонија вели дека КОВИД-19 станува вирус со кој мора да научиме да живееме, па сега, императив е да се намали нарушувањето во образованието на децата и младите, без оглед на нивната возраст.

Доказите се јасни дека отсуството од училиште предизвикува значителна штета по образовниот успех, животните шанси, менталното и физичкото здравје. Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици – особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски, додава Тавила.

Според УНИЦЕФ со воведување мерки за ублажување на ризикот, училиштата се безбедни средини за децата.

Најновите докази покажуваат дека училиштата не го поттикнуваат ширењето на КОВИД-19 во заедницата и КОВИД-19 не претставува висок ризик за децата. Затворањето на училиштата има големо негативно влијание врз најранливите деца кои имаат многу помали шанси за пристап до далечинско учење и почесто се изложени на насилство, злоупотреба, занемарување, детски труд и брак, и други ризици, соопштија од УНИЦЕФ.

OhridNews