Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХРЦ) изнесе очекување дека во наредните месеци во Македонија секојдневно ќе влегуваат по 3.000 лица.

„Не гледаме било каков крај на приливот на мигранти во наредните месеци“, рече портпаролката на Високиот комесар на ОН за бегалци, Мелиса Флеминг. Таа ваквата проценка ја темели на продолжување на насилствата во Ирак и Сирија и „влошување на условите“ за сириските бегалци во Турција, Јордан и Либан.

На брифингот во Женева, Флеминг истакна дека Европската унија мора да обезбеди „правилна распределба“ на барателите на азил. „ Навистина веруваме дека доколку бидат превземени вистински мерки, ова е нешто со кое Европската унија може да се избори“, наведе Флеминг. ТАСС ја пренесе изјавата на Флеминг дека сега УНХЦР работи со српските власти да се „одговори на хуманитарните потреби на над 10.000 бегалци кои пристигнале во Србија“.

„Иако сосостојбата во целина се смири во споредба со „хаотичните сцени од минатата недела“, УНХЦР и „натаму е загрижен за условите“ во кои се наоѓаат бегалците, рече Флеминг, повикувајќи ја ЕУ да им пружи помош на Грција, Македонија и Србија во решавањето на проблемите предизвикани од масовниот прилив на бегалци.

OhridNews

извор Макфакс