Зад затворени врати, денес, во Охрид ќе се одржи средба помеѓу претставници на владата и локалната самоуправа со делегација од УНЕСКО во врска со напредокот во исполнувањето на барањата на Реактивната комисија на УНЕСКО од 2017 година.

На средбата, од македонска страна, е предвидено да се презентира извештајот за досега постигнатото во врска со барањата, меѓу кои се мораториум на легализациите на дивоградби, рушење на нелегално изградените објекти во заштитеното подрачје, носење на законски рамки за спречување на понатамошна нелегална градба, финализирање на планот за управување.

Ден пред средбата со делегацијата на УНЕСКО, Владата го усвои Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО – Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион. Во извештајот до УНЕСКО, се наведува дека во текот на извештајниот период е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Изработен е инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и Оценка на влијание на културното наследство (ХИА). Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро.

На вчерашната седница владата донесе и заклучок со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга, и да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење.

OhridNews